Зошто моето бебе одеднаш почна да се буди во текот на ноќта?
Доенчињата кои спиеле добро во текот на ноќта нормално е некогаш да почнат да се будат. На тоа може да влијаат повеќе фактори, како на пример: болест, одење на одмор, промена на секојдневните навики, вакцинирање, воведување на цврста храна во исхраната, страв од одделување од нив и други промени во развојот. Доенчињата обично почнуваат почесто да се будат во периодот помеѓу 6. и 10. месеци. Стручните лица сеуште не можат целосно да ја објаснат оваа појава, но се убедени дека причината е во психолошкиот развој.
Причини за несоница
Ако вашето бебе одеднаш почне да се буди во текот на ноќта, најпрво размислете што би можело да биде причина за тоа. Дали во неговата околина нешто се променило? Дали надвор има промена на времето па на доенчето му е ладно или топло? Дали можеби вашите соседи имаат запалено светло надвор кое свети на креветчето и му смета на бебето додека спие? Потрудете се да го решите проблемот. Облекувајте го детето во зависност од температурата во собата и затемнете ја просторијата. Ако проблем за неспиењето е вревата од улица, можете да употребите апарат кој обезбедува рамномерен звук и обично го смирува детето.
Проблеми со спиењето може да се јават и при важни промени во развојот на детето. Доенчето сака секое свое ново знаење да го провери во секоја ситуација, па и дури кога ќе се разбуди ноќе. Некои деца стануваат на нозе во текот на ноќта и се држат за оградата од креветчето, а потоа не знаат како да се спуштат и почнуваат да плачат. Најновите истражување покажале дека проблеми со спиењето може да се јават и неколку недели пред постигнување на поголеми промени во развојот (на пр. пред проодување).
Понекогаш бебињата се премногу уморни за да заспијат и да продолжат мирно да спијат; затоа е важно детето доволно да спие и преку ден. Некои родители се убедени дека ако нивното бебе спие помалку преку ден, вечерта ќе спие подолго. Меѓутоа, ова е баш спротивно. Ако детето е уморно, тешко заспива, и неговиот сон е немирен.
Кога вашето дете ќе се разбуди во текот на ноќта, смирете го и утешете го, но не бидете досадни. Убедете го дека сé е во ред и дека е време за спиење. Останете со него додека не се смири. Што е можно помалку зборувајте, и не палете јако светло. Најдобро е да ја применувате рутината која сте ја користеле за заспивање. Не го менувајте начинот на заспивање на детето, а посебно е важно да не воведувате нови начини за заспивање кои не ќе можете да ги применувате уште неколку недели или месеци. Лулањето во раце е добар начин за заспивање но прифатливо е само за една или две вечери, после тоа ќе треба да го применувате секоја вечер. Бидете упорни со воспоставениот начин за заспивање. Што побрзо го спроведете, детето побрзо ќе се врати во својот ритам на спиење.
Колку часа би требало да спие бебето?
Просечни потреби за сон во зависност од возраста на детето:
возраст |
0–4 месеци | 4–12 месеци | 1–2 години |
3–5 години |
вкупно спиење (во часови) | 16–18 | 12–16 | 11–16 | 10–13 |
ноќно спиење (во часови) | 8–9 | 9–10 | 11 | 10–13 |
дневен одмор (во часови) | 7–9 (3 до 5 одмори) | 4–5 (2 до 3 одмори) | 2–3 (2 одмори) | 0–1 (1 одмор) |
Кога вашето бебе ја преспива ноќта?
Постојат три најчести фрази кога можеме да кажеме дека детето ја преспало ноќта:
- кога спие од полноќ до 5 часот наутро
- кога спие 8 часа непрекинато
- кога спие од 22.00 до 6.00 часот (што најмногу одговара на распоредот за спиење на семејството)
При следење на спиењето на 75 бебиња, утврдено е дека 73% од нив на возраст од 5 месеци спиеле од полноќ до 5 часот наутро, 62% спиеле вкупно 8 часа, а 53% од доенчињата спиеле во период од 22.00 до 6.00 часот наутро. На крајот од првата година процентите биле 87%, 86% i 73%.
Важно е да се знае дека овие проценти се само статистички податок и дека секое дете е различно. Некои спијат цела ноќ кога ќе наполнат 2 месеци, а други пак дури после првиот роденден. Ако не сте меѓу среќниците чии деца многу брзо почнуваат добро да спијат, може да ве утеши фактот дека со секој изминат ден сте се поблиску до ноќите кога повторно ќе може да се наспиете.