Тропско овошје

Последните години кај нас се сретнуваме со вистинско тропско лето па зошто да не напишеме неколку зборови и за тропското овошје. За растење и созревање на тропското овошје му се потребни високи температури и многу сонце, а плодовите на тропските овошја и покрај пеколните услови во кои растат се сочни, освежителни и полни со витамини и минерали.

Тропското овошје може одлично да ја збогати секојдневната исхрана на доенчињата и мали деца. Кога Ви недостасуваат идеи за оброци, тропското овошје, кое содржи многу вода и е богато со витамини и минерали, може да биде интересна и вкусна замена за оброк или додаток. Зрелите и правилно подготвени плодови се ароматични, содржат киселини, влакна и етерично масло.

За тропското овошје карактеристични се интензивните бои, а нашите деца јадат и со очи. Молекулите на боја во растителните намирници ги сочинуваат повеќе од 2000 пигменти кои освен што на овошјето му даваат боја, содржат и јаки антиоксиданси. Колку бојата на овошјето е поинтензивна, поголема е и антиоксидативната моќ. За тропското овошје карактеристични се живите бои, богатата количина на витамини, минерали и влакна.

Во тропски овошја спаѓаат:

Авокадо

Авокадото потекнува од Средна Америка, каде е дел од исхраната уште пред 7000 години. Постојат повеќе видови авокадо. Едните имаат мазна и зелена кора, а другите рапава кора и темна скоро црна боја.

Авокадото е многу хранливо овошје бидејќи содржи незаситени есенцијални масни киселини (палмитолеинска, олеинска, линолна и линоленска киселина). Содржи и многу протеини, калиум, лецитин, фолна киселина и витамини А, Е, Б2, Б5, Б6 и Ц.

Плодот може да се јаде свеж, исечен на парчиња или може само внатрешниот месест дел да се изгмечи со вилушка и да се намачка на леб. На авокадото може да му се додадат повеќе зачини: благи (цимет) или кисели (лимон). Парчиња авокадо додадете во овошните и млечно-житно овошните кашички, а може и да го сварите и додадете во разни супи. Бидејќи олупеното авокадо брзо оксидира (потемнува), се препорачува да му се капне лимунов сок.

СУПА ОД СПАНАЌ СО АВОКАДО

  • 150 гр. кромид
  • 200 гр. компир
  • Маслиново масло
  • 450 гр. спанаќ
  • 3 дл. млеко со мала масленост
  • 4 дл. вода
  • Коцка супа од зеленчук
  • 1 авокадо
  • сол
  • морско оревче

Подготовка:

Исецкајте го кромидот. Излупете го компирот и исечете го на коцки. На масло лесно пропржете го кромидот и потоа додадете спанаќ и компир. Прелијте ја содржината со млеко и вода, умерено посолете (за доенчиња не ставајте сол) и варете додека компирот не омекне. Излупете го авокадото, исечете го на парчиња и додадете го во супата. Се заедно измешајте со блендер и додадете морско оревче.

КАШИЧКА ОД АВОКАДО

  • 1 банана
  • 1/3 авокадо (излупено)
  • Сок од портокал за разредување

Подготовка:

Со блендер измешајте ги сите состојки заедно и послужете одма за да не потемни.

Карамбола

Карамбола е киселкасто, жолто - зелено, сочно овошје во облик на ѕвезда. Тоа е плод на истоименото ниско дрво (Averrhoacarambola) кое расте во тропска Азија.

Близок роднина на карамболата, помалку познат, е зелениот и кисел билимби, кој се одгледува и продава само во југоисточна Азија. Татковина на карамболата веројатно е Шриланка, островот Молика или Индија, а Европјаните првиот опис на овој плод можеле да го прочитаат уште во 17 век.

Карамболата е добар извор на витаминот Ц. Содржи оксална киселина и малку калиум.

Карамболата има мазна и сјајна кора која се јаде, сочна е и крцкава. Од видот и времето на берење зависи дали плодовите се кисели или благи. Карамболата е еден од најдекоративните плодови. Во Азија карамболата се пече, од неа се прави мармалад, компот и други пијалоци. Ѕвездите од карамбола ги разубавуваат овошните салати, како и јадењата од месо, риби и зеленчук.

КАША ОД КАРАМБОЛА (за 4 особи)

  • 4 карамболи
  • 1/2 л вода
  • 150 грама шеќер
  • 3 големи лажици густин
  • 1 чаша слатка павлака
  • 1 голема лажица шумски мед

Подготовка:

Карамболата измијте ја и исечете ја на коцки. Претходно отстранете ги евентуалните кафеави рабови. Коцките ставете ги во вреела вода и сварете ги. Кога ќе станат меки со миксер направете каша. Густинот измешајте го во ладна вода и додајте ја кашата од карамбола. Сето тоа заедно варете го со постојано мешање. Измешајте слатка павлака и мед, изматете да се стврдне, а потоа додајте ја кашата и послужете.

Кивано

Кивано е овошје со портокалово - жолта боја и има боцки со брадавичест облик на површината. Спаѓа во иста група со краставицата и дињата, а долг е приближно 15 см.

Плодовите содржат многу витамини А, Б и Ц како и минерали кои се важни за тело (магнезиум, калциум, калиум и фосфор).

Киваното по конзистенција е слично на желе и може да се употребува во овошни салати и слатки. За консумирање на сурово овошје исечете го плодот по средина и со лажица издлабете ја внатрешноста заедно со семките. Вкусот можете да го подобрите со додавање на лимунов сок и шлаг.

КРЕМ ПАВЛАКА ОД КИВАНА

  • 35 гр. шеќер
  • 100 мл засладена слатка павлака
  • листови желатин
  • шеќер во прав
  • 1 стапче ванила
  • малини
  • 2 кивани
  • 250 мл матеница
  • 11 лажици сок од лимета

Подготовка:

Киваното преполовете го по должина и со лажица издлабете ја внатрешноста. Желатинот омекнете го во ладна вода. Пенасто измешајте матеница, шеќер и сок од лимета. Исцедете го желатинот, растворете го во матеницата и оставете го на ладно место за да почне да се стврднува. Потоа имешајте ја слатката павлака. Наполнете половина кивана и оставете да стои во фрижидер барем 1 саат за кремот да се стврдне. Во меѓувреме зачинете го месестиот дел од киваната со мелен шеќер и стругани семки од ванила. Наполнетите плодови од кивана поставете ги на тањир, додајте го месестиот дел и посипете ги со малини.

Личи

Овошјето личи има карактеристични јајчести плодови во розева или црвена боја. Под лушпата се крие мек бел месесет дел со киселкасто сладок вкус. Личи (Litchichinensis) потекнува од југоисточна Азија. Посебно е омилено овошје во Кина, каде го обожаваат и кинеските цареви. Таму било толку драгоцено овошје што со него можеле да се плаќаат даноци, а денес ова овошје се смета за еден од најпосакуваните новогодишни поклони. Овошје кое по обликот и бојата потсетува на срце, во Кина се смета за симбол на љубовта.

Личи содржи бројни состојки корисни за здравјето како што се витамин Ц и Б, бакар, фосфор, магнезиум и калиум.

Просечна количина на витаминот Ц во овошјето личи е 72 мг на 100 гр овошје. Овошјето пред се се јаде сурово. Претходно се отстранува лушпата како кај варено јајце. Плодот се јаде заедно со семките. Личи е одличен прилог на овошните салати. Во егзотичните кујни личи често се подготвува во комбинација со пилешко и друго месо. Исушеното личи може да се стави во чај наместо шеќер.

СЛАДОЛЕД ОД ЛИЧИ НА СТАПЧИЊА

  • ½ шоља малини
  • 1 1/2 лажица вода
  • 1 шоља јаворовов сируп
  • 1 кг олупен личи
  • 2 лажици лимунов сок
  • 6-8 стапчиња за сладолед

Подготовка:

Малините, водата и пола шоља јаворов сируп измешајте ги со миксер. Со таа маса до половина наполнете ги калапите за сладолед и внатре ставете ги стапчињата. Ставете ги во замрзнувач. Во меѓувреме исчистете го од лушпата и исецкајте го овошјето личи и измешајте го заедно со лимуновиот сок и остатокот од јаворовиот сируп за да добиете каша. Од замрзнувачот извадете ги калапите за сладолед и на смрзнатата каша од малина додајте ја кашата од личи. Вратете го во замрзнувач и оставете да се стврдне. Сладоледот од личи е сладок и квалитетен витамински оброк на кој најмногу ќе се израдуваат децата.

Манго

Манго е овошје со долгнавест облик, прекриен со мазна лушпа, со кожаста кора. Во Азија се одгледува повеќе од 4000 години, а негова прататковина најверојатно е Индија. Според индиската традиција мангото симболизира живот и е национално овошје на Индија.

Постојат повеќе од 1000 видови на манго кои меѓусебно се разликуваат по боја и облик. Плодовите може да бидат зелени, жолти, портокалови или црвени.

Освен богатиот вкус мангото содржи и многу витамини, минерали и антиоксиданси и позитивно делува на здравјето. Одличен извор е на витамини А и Ц, а содржи и драгоцени количини на калиум. Бидејќи мангото содржи многу влакна, со него успешно се лекува запек. Мазниот и мек месест дел на мангото е сладок и многу сочен бидејќи содржи многу вода и затоа ова овошје е многу освежително.

ПАЛАЧИНКИ ОД МАНГО

  • 300 гр. компир
  • 300 гр. манго
  • 2 јајца
  • ванилин шеќер
  • цимет
  • кори од лимон
  • брашно
  • шеќер во прав

Подготовка:

Олупете го компирот, добро измијте го и на ситно изрендајте го. Исцедете го со раце. Измијте го мангото и исецкајте го на тенки листови. Во компирот додадете го мангото, јајцата, ванилиниот шеќер, циметот, корите од лимон и брашното по потреба. Се заедно добро измешајте. Во тава за палачинки загрејте масло, додадете три лажици од смесата и рамномерно распоредете ја во тавата. Испечете малку подебела палачинка. Кога ќе биде печена, наросете ја со мелен шеќер.

Папаја

Папајата е овошје кое расте од 10 до 80 сантиметри, а најголемите се тешки дури и 10 килограми. По обликот разликуваме округли, крушкасти, долгнавести и јајцевидни папаи.

Оргиналните папаи растат во тропските предели на Средна Америка. Многу одамна пред доаѓањето на Европјаните, првобитните жители ги береле суви и такви ги користеле.

Папајата најдобро е да се употребува и јаде сурова. Прво треба да се излупи, да се преполови и со лажица да се извадат семките. Бидејќи папајата не содржи многу овошна киселина, може да се употребува на тој начин што ќе се накапе со лимунов сок. Исто така може да се употребува и за подготовка на разни слатки, мармалади и прилози, но многу е важно исечената папаја да се употреби односно изеде што побрзо.

ПУДИНГ ОД ОРИЗ СО ПАПАЈА (за осум лица)

  • 2 шољи вода
  • 1 шоља ориз
  • сол
  • 2 шољи млеко
  • 1/4 шоља шеќер
  • цимет
  • 1/2 шоља суво грозје
  • 1 шоља кокос
  • 1 шоља папаја

Подготовка:

Оризот сварете го во вода во која сте додале сол. Додајте млеко и мешајте додека оризот не го впие половина од млекото. Измешајте шеќер, цимет и суво грозје. Варете додека преостанатото млеко не се впие. Измешајте кокос и папаја. Можете да послужите топло или ладно.

Маракуја

Плодот на маракујата е округли или овален. Кога ќе узрее е со жолта или темно виолетова боја и има мека, односно малку тврда внатрешност со бројни семки. Плодот може да се јаде или од него да се исцеди сок. Сокот често се додава на друго овошје за појачување на аромата.

Постојат два вида на плодови кои меѓусебно се разликуваат по надворешноста: светло-жолтиот вид маракуја познат и под името златна маракуја, кој може да израсне до големина на грејфрут има мека, мазна и провидна лушпа. Постои и темно-виолетова маракуја, која е помала од лимон. Овој вид е помалку кисел од жолтиот, а има силна арома и вкус.

Плодовите содржат лимонска и јаболкова киселина, амилопектин, флавоноиди, корисни масла и витамин Ц. Исто така содржат и витамин Б6, како и железо, калиум и влакна.

Јужноамериканските индијанци добро ја познавале маракујата како лековита билка. Често се употребувала во бразилската народна медицина. Шпанскиот лекар Монардес ја открил маракујата во 1569 година во Перу.

МОУССЕ (ПЕНА) ОД МАРАКУЈА

  • 10 маракуја
  • 2 дл слатка павлака
  • 5 лажици шеќер
  • малку ванила
  • 2 белки

Подготовка:

Прво испразнете 8 маракуја плодови во цедалка и така раздвојте ги сокот од семките. Изматете ја павлаката со шеќер и ванила. Посебно изматете ги белките. Измешајте го сокот со павлаката и потоа додајте 1/3 белка, внимателно промешајте и додадете го остатокот од изматените белки. Распоредете во 4 чаши. Две големи лажици семки од маракуја помешајтеги со содржината на преостанатата маракуја и прелијте по пената во чашата. Оставете го во фрижидер саат време.

Aлергија или неподнесување на лактоза?

Неподнесувањето на кравјо млеко е релативно чест проблем кај деца. Меѓутоа, не е исто ако Вашето дете има алергија или интолеранција.

Прочитај повеќе
Тајана Вурт
Тајана Вурт,
Стручен соработник за Novalac
Статии за правилна исхрана на доенчиња