Хранење со шише – кога и колку?
После раѓање на детето мајките се често загрижени и се прашуваат дали нивното малечко добива доволно храна. Најдобар показател за тоа е добивањето на тежина. Ако доенчето се храни со шише, мерењето на количината испиено млеко е поедноставно за разлика од доењето.
Доенчето хрането со шише во првиот месец ќе пие 60-90 мл млечна формула на оброк. Во текот на првите неколку недели ќе бара оброк на секои три до четири часа. Во почетокот најдобро е доенчето да го храните по барање, односно кога ќе почне да плаче за јадење. Бебињата кои се на доење главно пијат помала количина млеко на оброк, но затоа почесто.
Во текот на првиот месец, ако Вашето малечко спие подолго од четири до пет часа и почнува да ги пропушта оброците, разбудете го и понудете му шишенце. На крајот од првиот месец доенчето ќе пие најмалку по 120 мл млеко на оброк, со прилично предвидлив ритам на хранење кој ќе биде на секои четири часа.
На шест месеци Вашето дете ќе пие 180-240 мл млеко на отприлика секои пет часа, а тоа ќе зависи од дохраната.
Количината на млеко (без разлика дали е мајчино или адаптирано) која му е потребна на детето зависи од неговата телесна тежина. Добра формула за пресметување на потребните милилитри е неговата телесна тежина поделена со коефициент 0,7 и помножена со 100.
4,5 кг/0,7 x 100 = 643 мл на ден
Но детето најубаво само ќе го регулира внесувањето на млеко според своите потреби. Наместо да се држите по точно одредени количини, дозволете му само да ви покаже кога е сито. Ако доенчето станува немирно во текот на хранењето, најверојатно сака да прекинете со хранење. Ако и откако го испило цело млеко продолжува да цица и го влече празното шише, уште е гладно.
Сепак, постои горна и долна граница. Повеќето деца се задоволуваат со 90-120 мл на оброк во текот на првиот месец и со зголемување на оброкот за 30 мл секој нареден месец додека не дојдете до максимални 120-240 мл. Ако Вашето дете постојано сака помалку или повеќе од тоа, советувајте се со педијатар.
Некои деца после хранење само бараат цуцла бидејќи сакаат да цицаат, па таа желба може да се замени со глад.
Помеѓу 2. и 4. месеци, кога бебињата имаат повеќе од 5 кг, на повеќето од нив кои се хранат со шише не им е потребен ноќен оброк бидејќи пијат повеќе храна во текот на денот и стекнуваат навика за подолго спиење навечер. Како и секогаш и во овој случај постои разлика од дете до дете.
Најважно е да запомнете дека секое дете е единствено без разлика дали е хрането со шише или доено. И ни една книга не може точно да Ви каже колку често треба да го храните Вашето дете и која количина на млеко да му ја дадете. Тие одговори може да Ви ги даде само Вашето дете, а Вие со тек на време ќе научите што точно тоа ви кажува.