Едноставни први оброци
После 17-тата недела, односно после наполнети 4 месеци од животот, време е за воведување на нови намирници и дополнителна храна (дохрана) кај доенчињата. Воведувањето на дохрана пред оваа возраст никако не се препорачува, бидејќи системот за варење кај доенчињата не е доволно развиен за да се бори со готовата храна. Исто така важно е и тоа да не го одложуваме предолго воведувањето на дохраната. Кај сите доенчиња со дохрана треба да се почне до 26 тата недела од животот.
Во првите неколку недели од почетокот на воведувањето на дополнителна храна родителите мора да бидат трпеливи, бидејќи дохраната на почеток повеќе е учење и истражување, отколку важен извор на храна. Првата храна која ќе му ја понудите на детето треба да биде едноставна, а вкусот неутрален за да детето полесно се навикне на него.
Некои деца прво се запознаваат со зеленчук
Ве советуваме најпрво да воведете зеленчук во исхраната на Вашето дете бидејќи има понеутрален вкус за разлика од овошјето, во спротивно може да се случи да имате потешкотии со воведувањето на другите намирници. Детето ќе ги одбива останатите намирници односно зеленчукот бидејќи го запамтило слаткиот вкус на овошјето па останатите намирници (зеленчукот) за него ќе имаат помалку изразен вкус.
Првиот оброк за доенчето може да биде варен ориз, кој заедно со мајчино млеко (или адаптирана млечна формула) ќе го испасирате во кашичка со густина како на крем супа. Оризот (детската кашичка од ориз без додаток на шеќер) е прилично неутрална намирница со слаб вкус, и затоа најчесто се применува како прв оброк.
После недела дена, кога доенчето ќе ги совлада потешкотиите со првите лажички храна, продолжете со варен морков или тиквица, карфиол и брокула кои исто така ќе ги испасирате во кашичка. Кашичката од зеленчук подгответе ја како самостоен оброк или додадете ја во ориз со млеко. Секако на почеток воведете само еден вид на зеленчук, а после неколку дена и друг.
Како трет оброк на доенчето може да му понудите варен компир со лажица соино или масло од репка; испасирајте го компирот за да добиете кашичка. Додадете зеленчук, варен морков, тиквица, карфиол, брокула.
Во мајчино или адаптирано млеко наместо ориз може да додадете пченкарна кашичка. Според најновите препораки за здрава исхрана на доенче, после 4-тиот месец и пред доенчето да наполни 7 месеци, кога претежно децата се на доење, се препорачува во нивната исхрана да се додадат и житарки кои содржат глутен (пченица, овес…). На тој начин се намалува опасноста за развој на целијакија.
Воведување на протеини, односно месо
Во тој период во исхраната на доенчињата се воведуваат повеќе протеини, и тоа оние од месото. Најпогодни видови на месо кои може да ги воведете во исхраната на доенчето се немасно бело пилешко месо и црвено месо од зајак или телешко месо. Пилешкото и зајачко месо се лесно сварливи поради кратките мускулни влакна. Месото треба да биде на мени два до три пати неделно, бидејќи во тој период од животот месото е главен извор на железо во исхраната на доенчињата (90% од потребите за железо мора да ги обезбедиме од дополнителната исхрана).
Значење на висококвалитетните масни киселини
После воведувањето на неколку основни намирници во исхраната на доенчето се почнува и со комбинирање на млечно-житни, овошно-житни и месно-зеленчукови кашички. При тоа не смееме да заборавиме дека на доенчето му се потребни и квалитетни масти. Тоа се пред се растителни масла, а за да доенчето ги добие сите потребни масни киселини, предлагаме да употребувате комбинација од висококвалитетни масла ( масло од репка, соино или пченкарно и маслиново масло). Маслото обично се додава во зеленчуковите или житно-зеленчуковите кашички, односно на кашичките од месо на крајот од подготовката како би се зачувале висококвалитетните масни киселини. На количина на оброк од 150-200 гр. се додава една лажичка масло (8-10 гр.).
Ако е можно, кашичката секогаш се подготвува од свеж зеленчук. Нема да биде погрешно и ако употребите замрзнат зеленчук. Свежо подготвената кашичка може да ја замрзнете во помал сад, но не подолго од три недели. Исто така е многу важно во кашичките да не додавате сол и шеќер!
Рецепти
Прва оризова кашичка:
- 20 гр. варен ориз
- 100 мл мајчино млеко (адаптирана млечна формула)
Испасирајте за да добиете кашичка со густина на крем супа.
Прва зеленчукова кашичка:
- 60 гр. морков (тиквица, карфиол или брокула)
- 20 гр. варен ориз
- 100 мл вода во која се варел зеленчукот (по потреба може и повеќе)
- 8 гр. масло од репка
Исечете го зеленчукот на ситни парчиња и сварете го во малку вода.
Кашичка од зеленчук, компир и месо:
- 60 гр. зеленчук (морков, тиквица, карфиол или брокула)
- 40 гр. компир
- 20 гр. зајачко месо
- 150 мл говедска супа без сол
- 10 гр. масло од репка