Развивање на почит во детството
Почитта е емоција која ја развиваме спрема луѓето кои имаат некои особини кои ние ги цениме, како и спрема работите кои ги поткрепуваат нашите вредности. Кога зборуваме за развојот на почитта кај децата, не можеме да ги занемариме вредностите. Детето ќе развие почитување спрема оние луѓе и предмети кои ќе бидат поврзани со неговите вредности.
Следно мораме да се запрашаме кои вредности би сакале да ги истакнеме при воспитувањето, кого или што би сакале детето да почитува. Секако дека детето најмногу ќе научи преку имитирање на возрасните личности кои ги чувствува како блиски, така да најважно е вредностите кои што сакаме да ги предадеме на детето да ни се исто така и нам важни.
Еве неколку примери како кај детето да се поттикне почитувањето:
Однос со луѓе
- семејство: создавање на семејни ритуали (на пр. секој четврток сите заедно правиме палачинки), заедничко поминување на слободното време на активности кои заеднички ги сакаме, заеднички активности во природа.
- постари личности: помагање при преминување на улица, ослободување на седиште во автобус, дружење со постарите, децата треба да осознаат што се можат да научат од постарите (на пр. игри од минатото, песни и приказни), децата уживаат кога слушаат вистински животни приказни од постарите... Децата ќе развијат почит кон постарите доколку имаат прилика да се дружат со нив и воедно подобро да ги запознаат.
- пријатели: разговарање за тоа што е пријателство, навечер пред спиење да играат ,,кого сакам’’ во која секој (па и возрасните) треба да набројат кого сѐ сакаат. Кога ќе се наведат сите членови на семејството, роднините, сите пријатели и домашни миленици, можеме да ја прошириме детската перспектива на луѓе, животни и билки на Земјата, со што би им помогнале да разберат дека постои поширок свет од нивниот. Со тоа воедно се засилува позитивниот однос кон природата и луѓето воопшто.
Однос со околината
- природа: прошетки во природа, набљудување на годишните времиња, катче во домот каде децата би ги изложувале примероците од природата, собирање на ѓубре за време на прошетките.
- храна: заедничко јадење на оброци, без гледање на телевизија, да се заблагодариме на готвачот кој го подготвил оброкот, да се почека сите да седнат на масата за да започне оброкот, припремање на оброкот заедно со детето, да се заблагодариме на природата за храната која ни ја дала (на пр. сонце, земја, дожд).
Да не заборавиме дека на децата најважен пример им се родителите. Децата ќе го почитуваат тоа што го почитуваме и ние.