Прв пат на море со новороденче
Одиме на море! Реченица која толку многу сакаме да ја изговориме, мелодија која во летните месеци многу сакаме да ја потпевнуваме. Но сепак, ако патувате на море со новороденче, тоа не звучи толку безгрижно и сигурно Ви се наметнуваат многу прашања.
За да летниот одмор со Вашето семејство го поминете без грижи, прочитајте неколку најчесто поставувани прашања и одговори.
1. На која возраст новороденчето смее да се бања во море, а на која возраст во базен?
Некаде помеѓу 3 и 4 месеци, кога бебето е веќе способно да ја контролира положбата на главчето, би можело заедно со родителите да се бања во базен или во доволно топло море. Но секако, само ако новороденчето е здраво и ако се развива нормално. При тоа исклучително е важен развојот на детето и навиките на семејството, како и чистотата на водата во која бебето се бања.
Важно: Детето мора цело време да биде под Ваша контрола, дури и кога се разладува во мало базенче. Прилагодете се на неговите потреби, оставете му доволно време и не го принудувајте на активности кои не му одговараат.
2. Колку степени треба да биде температурата на водата во морето за да можеме да се бањаме со 6-месечно бебе?
Новороденчињата се многу осетливи на преладување или претоплување на телото. Водата која е соодветна за краткотрајно капење (15 минути) во принцип треба да има температура околу 28-30 степени целзиусови. Јадранското море најчесто не ја постигнува таа температура, па затоа таму е подобро бањање во базен. Нормално е и тоа дека секое бебе реагира различно на температурата на водата, па така некои од нив ќе уживаат на таа температура, а на некои нема да им биде пријатна.
Совет: На море понесете мало базенче, наполнете го со морска вода и набљудувајте ја реакцијата на детето.
3. Каква крема за сончање се препорачува за деца?
Одберете крема со заштитен фактор 30 или повеќе, и тоа онаа која штити и од UVA и од UVB зраци. Важно е кремата за сончање обилно да ја размачкате на целото тело и тоа да го повторувате на секои два часа, односно после секое излегување од вода. Кај деца на возраст до шест месеци употребувајте заштитна крема на база на минерални состојки (без хемиски компоненти), а после таа возраст може да употребувате и креми со хемиска заштита.
Важно: И покрај употребата на заштитна крема, седете зедно со дететп под сенка и строго ограничете го движењето на сонце помеѓу 10 и 16 часот.
4. Што да направите при изгореници од медуза?
За среќа, во Јадранско море нема многу опасни медузи (жаркари). Меѓутоа и тие изгореници можат да предизвикаат болка, чувство на пецкање, чешање и црвенило.
Прва помош:
- Измијте го местото од телото со солена вода.
- Исчистете ја кожата со помош на камен (триење со камен) или хартија, односно киселина или алкохол (нормално, не употребувајте на слузокожа). Во никој случај не се препорачува измивање со свежа слатка вода бидејќи ќе се ослободат уште повеќе токсини.
- Постојано ладете го изгореното место.
- Може да употребите и лекови против болка (парацетамол) и антихистаминици.
- При знаци на системска алергиска реакција ( гушење, повраќање, мачнини, отекување на слузокожата, главоболка, зашеметеност) или други компликации ( покачена температура, воспалена рана...) итно побарајте лекарска помош.