Како ќе се промени вашиот живот после породувањето
Се приближува вашиот термин за породување, а вие сеуште се прашувате како ќе се промени вашиот живот после доаѓањето на новороденчето? Во продолжение ќе ви откриеме неколку можни сценарија.
1. Цело ваше време ќе му го посветите на новороденчето
Честитки! Вашето новороденче пристигна дома, а вашиот живот се промени на прекрасен и непредвидлив начин. Вие сте сосема прилагодени на биоритамот на вашето бебе. Новороденчињата спијат и до 18 часа на ден, меѓутоа тоа спиење поделено е во повеќе периоди во текот на денот. Помеѓу периодите на спиење ви преостанува хранење, пресоблекување и мнооооогу галење.
СОВЕТ: После првите неколку хаотични седмици во кои ќе владее неред, новороденчето ќе почне да спие подолго и без прекини. Неговиот биоритам веќе ќе биде предвидлив, а вие ќе станете светски прваци во управување со времето.
2. Ќе станете член на нов многуброен клуб
Одеднаш ќе имате повеќе пријатели. Непознатите лица кои ќе ги сретнувате додека сте во прошетка ќе ви се насмевнуваат и ќе ве прашуваат за возраста и името на новороденчето. Ќе може да се вклучувате во разговорите за бебиња и нивното воспитување.... Клубот во кој станавте член со доаѓањето на вашето новороденче се нарекува родителство и ќе имате многу големо друштво. Уживајте!
СОВЕТ: Вие ќе си создадете ваш начин на воспитување кој можеби ќе биде сосема поразличен од оној на вашите пријатели или соседи. Немојте да се грижите и верувајте во себе – вашиот начин на воспитување е најсоодветен за вашето семејство.
3. Ќе се промени вашиот однос со партнерот
Динамиката на вашиот однос со партнерот ќе биде поинаква. Сега имате уште некој на кој му е потребно целото ваше внимание, што значи дека ќе имате помалку време за вас двајцата. Ако едниот од родителите се грижи за новороденчето, другиот може да се чувствува запоставено. Исто така често се случува партнерите да не разговараат меѓу себе исто толку како и порано.
СОВЕТ: Резервирајте време само за вас двајцата. Договорете се за состанок и разговарајте за се она што ви се случува.
4. Нов ноќен биоритам
Добар (а посебно доволно долг) ноќен сон – што беше тоа? Вистина е дека новороденчето некое време ќе го промени вашиот ноќен ритам. Добра вест е дека тој период на лошо спиење нема да трае долго. Додека вашето новороденче не почне да спие цела ноќ, најдобро е вие и партнерот да се менувате за ноќното станување.
СОВЕТ: Кога вашето новороденче ќе заспие во текот на денот, немојте да се трудите да ги завршите сите обврски кои ги имате во домот. Наместо тоа легнете и вие и одморете се.
5. Ќе имате многу посетители
Вашето пошироко семејство и пријателите ќе сакаат да го видат вашиот најмлад член. Кога ќе дојдат во посета, ќе се развие дебата за тоа какво искуство имаат или имале со новороденчиња. Прифатете ја поканата за посета само кога Вие ќе се чувствувате спремни, а нема да биде погрешно ако пред посетата ги прашате посетителите дали се здрави или ако ги замолите да ги измијат рацете пред контактот со бебето.
СОВЕТ: Ако сте уморни или преоптоварени, сосема е нормално да ги замолите гостите да ве посетат друг ден. Добрите пријатели ќе го разберат тоа.
6. Ќе правите гримаси повеќе од вашето новороденче
Новороденчињата учат со помош на набљудување и интеракција со околината. Наскоро и вие ќе изведувате многу смешни работи за да го стимулирате развојот на детето. Смеење, плазење на јазикот, гримаси или испуштање на смешни звуци ќе го привлечат вниманието на новороденчето.
СОВЕТ: После неколку седмици ќе забележите дека новороденчето го проучува вашето лице, така учи и ги повторува гримасите кои му ги покажувате.
7. Ќе Ви треба помош
Новороденчињата се забавни, но потребно им е многу внимание. Немојте да се трудите се да направите сами. Нека ви помогне партнерот. Секој од вас двајцата мора секојдневно да има одредено време само за себе, а во меѓувреме другиот да се грижи за новороденчето. Во слободното време правете нешто пријатно – гледајте филм, читајте, одете во прошетка или направете си релаксирачка купка.
СОВЕТ: Ако сте самохран родител , не треба да ви биде непријатно да ги замолите за помош роднините или пријателите. Времето кое ќе си го посветите сами на себе ќе ви даде нова енергија.
8. На новороденчето му е потребен разговор
Кога разговарате со своето новороденче се случуваат две работи; новороденчето учи и вие двајца се поцврсто се поврзувате. Колку повеќе разговарате со новороденчето, тоа се повеќе учи и вие поцврсто се поврзувате.
СОВЕТ: Имитирајте ги звуците што ги испушта вашето бебе бла-бла, гу-гу и потоа почекајте го неговиот »одговор«. Повторете ги неговите звуци. Оваа вежба на новороденчето му овозможува учење на дијалог.
9. Чувството на вина е вообичаено
При планирањето и во текот на бременоста поголемиот дел од идните родители мислат дека после доаѓањето на новороденчето животот ќе им биде совршен. Но, по одредено време ќе посакаат да им се врати нивниот »стар живот« во периодот кога немале деца. Земајќи во предвид дека можеби нема да уживате баш во секој момент со вашето новороденче, ќе се почувствувате и виновни. Не сте единствени, тоа се случува често. Сосема е нормално понекогаш да посакате малку време само за себе.
СОВЕТ: Побарајте помош. Кога е вашето новороденче на сигурно, пример во креветчето, јавете и се на некоја пријателка и поразговарајте. Можете да бидете горди на себе си бидејќи добро се снаоѓате во новата ситуација.
10. Ќе сфатите дека детските книги се забавни
Ако претходно не сте ги знаеле детските книги, сега ќе се заљубите во нив. Многу од нив се напишани мислејќи и на детето и на родителот, така што истовремено се и поучни и забавни. Новороденчињата обожаваат читање така што никогаш не е прерано да ги запознаете со светот на книгите.
СОВЕТ: Гласното читање ќе го поттикне новороденчето подоцна во животот да биде добар читател.
11. Ќе правите грешки
Можеби пред породувањето сте прочитале многу книги за воспитувањето на децата и родителството и сте си ветиле на самите себе дека како родител никогаш нема да направите или изговорите некои работи... А потоа се случува токму спротивното од планираното. Совршени родители најверојатно постојат само во идеалниот свет, кој пак не постои. Дозволете си да бидете само »доволно добри« родители. Опуштете се, повремени отстапувања од вашиот планиран начин на воспитување на детето нема да наштетат никому.
12. Ќе станете судија
Со растењето на детето расте и вашата улога на судија. Ќе мора да ги решавате споровите помеѓу братчето и сестричката, да поставувате граници, па и да изречете по некоја казна. Дисциплинирањето не е едноставна и пријатна родителска задача, но во процесот на воспитување е многу битна и на децата им е потребна.
СОВЕТ: Ако имате повеќе деца, одвојте од вашето време за секое дете посебно. Така сите ваши деца ќе чувствуваат дека добиваат еднакво внимание.
13. Љубовта кон децата е искрена
Кај некои родители љубовта се раѓа веднаш штом го видат своето новороденче, а кај некои таа доаѓа подоцна. Меѓутоа, сигурно ќе дојде моментот кога при погледнување на вашето дете ќе почувствувате некоја длабока емоција која до тој момент не сте ја познавале. Уживајте во неа и нека трае цел живот.