Грчеви или темпераментно доенче?
Во првите недели после раѓањето некои од доенчињата често плачат, што за родителите може да биде доста непријатно и загрижувачки. Повеќето од родителите сами си поставуваат дијагноза – а тоа е дека нивното дете има грчеви. Но, дали ги има навистина? Секое доенче плаче и тоа е нормално. Но колку плачење е нормално?
- Новороденче плаче од 1.5 до 2 часа на ден. Плачот е распореден преку ден, се интензивира попладне.
- Доенче до 6-та недела може да плаче до 3 часа на ден.
- После тоа плачот се намалува при што после 6-тиот месец може да плаче приближно 1 час на ден.
Доенче со грчеви или темпераментно доенче плаче повеќе време. Колку ќе плаче доенчето зависи од неговиот темперамент (вроден облик на однесување или пак изразување емоции). Уште од педесеттите години доенчињата почнале да се делат на групи и тоа на едноставно, пребирливо и воздржано доенче. Иако едно доенче може да ги има карактеристиките на повеќе од една група, сепак најчести се карактеристиките на една група. Темпераментните доенчиња плачат повеќе од нормално, раздразливи се, немаат редовен период на спиење и хранење. Тешко се прилагодуваат на проблемите, се плашат од непознати особи, се вознемируваат при силни звуци. Иако плачат повеќе од обично, сепак не плачат колку доенчињата со грчеви.
Не постои јасен начин на дијагностицирање на грчевите, но најмногу се водиме по Wesselin критериумот, познат и како правило три (плачење 3 часа на ден, 3 дена во неделата, 3 недели по ред). Доенчето е здраво, напредува и плаче, касно попладне или рано навечер. Грчевите се јавуваат околу втората недела на животот, а ги снемува помеѓу третиот и четвртиот месец. Меѓутоа, плачот кај пребирливите доенчиња започнува по раѓање, а таквото темпераментно однесување трае цел живот.
Главна разлика помеѓу доенчиња кои имаат грчеви и темпераменти доенчиња е тоа што доенче со грчеви немаат други карактеристики во однесувањето како темпераментните доенчиња. Не се хиперактивни, а имаат и воспоставено редовен период за храна и спиење. За разлика од темпераментните доенчиња, доенчињата со грчеви почнуваат да плачат без видлива причина и многу е тешко да се смират. За време на плачот, доенчињата со грчеви ги стискаат рачињата и ноџињата како и го свиткуваат грбот. Лицето им е црвено и прават најразлични гримаси, имаат надуван стомак. Такво доенче е многу тешко да се смири. Хранење, лулање и носење во раце не помага.
Како да разликуваме доенче со грчеви од темпераментно доенче?
Доенче со грчеви |
Темпераментно доенче |
Епизодите на плач поминуваат после третиот месец | Епизодите на плач се јавуваат и после третиот месец |
Плачот трае повеќе од 3 часа на ден, 3 дена неделно и 3 последователни недели | Доенчето обично не плаче повеќе од 3 часа на ден |
Епизоди на плач има помалку, но подолго траат | Повеќе кратки епизоди на плач |
Доенчето тешко може да се смири | Интензивни, негативни реакции на раздразливост |
Нормално време на хранење и спиење | Нередовно хранење и спиење |
Тешко се прилагодува на промени |
За среќа, темпераментно или пак доенче со грчеви не значи болест или било какви проблеми.Периодите на интензивен плач треба да се пребродат. Пробајте неколку техники на смирување, а го предлагаме следното:
- цврсто замотување со ќебе
- подригнување
- масажа на стомак
- звук во ритамот на отчукување на срцето; правосмукалка или пак машина за перење алишта
- лулање и носење
- возење со количка или автомобил
- цуцла
- топла купка
- термофор
- пробиотици
- ако бебето се дои, мајката би требала да избегнува млеко и млечни производи неколку недели
- ако се храни со млечна формула, промена на млечната формула
Не препорачуваме следното:
- пребрзо воведување на цврста храна
- употреба на лекови како што се спазмолитици, антихистаминици и слично…
- употреба на билни препарати или капки без совет од педијатар или фармацевт
Важно е да се запамти дека кај темпераментни доенчиња ниту едно од погоренаведените решенија нема да делуваат и поради тоа немојте да испробувате повеќе различни методи во краток период.
Ако доенчето стварно не може да се смири и ако сте исцрпени, препуштете го некое време на некој свој близок. Ако сте сами, завиткајте го со ќебе, ставете го во креветче, тивко шепотете му неколку утешни зборови и излезете од соба. Ако доенчето и после неколку минути сеуште плаче повторно пробајте да го смирите.
Фактот е дека секое доенче плаче, некое повеќе, некое помалку. Плачот не е ништо необично и не е последица на лош родител. Ништо не правите погрешно. Не го споредувајте своето бебе со другите. Секое е посебно и единствено. Не ги сфаќајте советите на другите како критика, подобро насмејте се и заблагодарете им се, а после тоа направете како што сами мислите дека е најдобро.
Сосема е нормално во периодот кога Вашето бебе плаче да бидете немирни, уплашени несигурни и лути. Дозволете си ги сите тие емоции и не се трудете да бидете совршени.